Според информации на италијанскиот новинар Николо Шира, легендарниот дефанзивец Фабио Канаваро им бил понуден на Парма како опција за нов тренер. Потег што би значел враќање на големиот ас во клубот каде што ја изгради својата слава како фудбалер.
Канаваро во периодот од 1995 до 2002 година одигра дури 290 натпревари за Парма и освои два трофеи во Купот на Италија, еден Суперкуп и Куп на УЕФА – златна ера за клубот од Емилија-Ромања. Пред Парма настапуваше за матичниот Наполи, а подоцна ја продолжи кариерата во Интер, Јувентус, Реал Мадрид, Ал-Ахли и Бенгал Таскерс.
Тренерската кариера ја започна во 2014 година и досега ги водеше Тијанѓин Куанџиан, Ал-Наср, Гуангжоу Евергранд, а имаше и краток ангажман како селектор на Кина. По тоа седна на клупата на Беневенто, па кратко беше тренер и на Удинезе (само шест натпревари), додека неговиот последен ангажман беше во Динамо Загреб, каде остана 14 меча.
Парма сезоната во Серија А ја заврши на 16. позиција и во текот на првенството смени двајца тренери – почна со Фабио Пекија, а ја заврши со Кристијан Киву.
Канаваро би можел да добие шанса да се врати во клубот каде што ја имаше една од најдобрите етапи во играчката кариера – овојпат во улога на стратег кој треба да донесе стабилност и резултати.