Ханси Флик, тренерот на Барселона, откри дека Роберт Левандовски ќе мора да помине низ детални лекарски прегледи, откако беше заменет во финишот од драматичниот меч против Селта поради можна повреда. „Ќе мораме да почекаме“, кусо прокоментира Флик по натпреварот, не сакајќи да шпекулира за сериозноста на ситуацијата.
Полскиот голгетер сам побара измена откако се фати за задната ложа на левата нога додека седеше на тревникот. Сцената не изгледаше ветувачки, а Флик веднаш реагираше со замена.
Барса славеше со 4-3 на оваа лудница од натпревар, благодарение на Рафиња кој од пенал во 98. минута донесе три значајни бодови. Левандовски е најдобар стрелец на Каталонците оваа сезона со 40 гола – од кои 25 се во Ла Лига, каде води на листата на стрелци.
Но, пред Барса е пеколен распоред: во вторник ја пречекуваат Мајорка, а веќе на 26 април ги чека големото финале во Копа дел Реј против Реал Мадрид. Само четири дена подоцна, ги очекува и првиот полуфинален дуел од Лигата на шампионите против Интер.
Сите очи се вперени кон медицинскиот тим – дали Лева ќе биде спремен за клучните битки?