Клубовите од
Серија А побараа да не биде доделено Скудето ниту пак да има испаѓање доколку
сезоната не може да финишира, но ова беше отфрлено на денешното генерално
собрание на Фудбалската федерација на Италија.
Со 18 гласови ЗА
и само три ПРОТИВ (претставниците на Серија А) помина предлогот на првиот човек на ФФИ, Габриеле Гравина според кој доколку се случи
нов прекин поради коронавирусот, конечниот исход ќе биде одлучен со плејоф,
односно плејаут, или пак со алгоритам.
Опцијата за плејоф,
односно плејаут, ќе важи само до 10/15 јули, доколку прекинот се случи по овој
датум, ќе се примени математичка формула.
Во Франција, Лига
1 се реши за едноставна формула, односно просечен број на освоени бодови
(вкупниот број на бодови беше поделен со бројот на одиграни натпревари).
Алгоритамот на Италијаните
е малку посложен, и конечниот исход на табелата ќе се одреди со формулата: PT +
(MPc x NPc) + (MPt x NPt).
Пример Јувентус:
63 + (2,85 х 6) + (2 х 6) = 92,1 каде PT означува освоени
бодови во моментот кога е прекинато првенство, MPc е просечен број на освоени
бодови на домашен терен, NPc е преостанат број на натпревари што треба да се
одиграат на домашен терен, MPt е просечен број на освоени бодови на гостински терен
а NPt е преостанат број на натпревари што треба да се одиграат на гостински терен.
Доколку
алгоритамот се примени сега, ќе нема измени на првите шест позиции и на последните пет позиции на табелата. Најголем губитник е Милан,
„росонерите“ ќе назадуваат две места, ќе се најдат на позицијата број 9 и ќе останат без шанса за излез во Европа.
1) Јувентус 92.1
(=)
2) Лацио 90.0 (=)
3) Интер 82 (=)
4) Аталанта 72.6
(=)
5) Рома 65.8 (=)
6) Наполи 57.0 (
=)
7) Верона 53.7 (+1)
8) Парма 53.1
(+1)
9) Милан 52.6
(-2)
10) Болоња 49.7
(=)
11) Каљари 48.6
(+1)
12) Сасуоло 48.4
(-1)
13) Фиорентина 43.8 (=)
14) Торино 41.2
(+1)
15) Удинезе 40.9
(-1)
16) Сампдорија 39.0 (=)
17) Џенова 36.9
(=)
18) Лече 36.5
(=)
19) СПАЛ 26.2 (=)
20) Бреша 23.4
(=)
Се предвидуваат и
сценарија со кои две или повеќе екипи би имале ист број бодови, и тука ситуацијата
дополнително се компликува поради можноста да не се одиграни сите меѓусебни
дуели. При евентуална мини табела, првин се гледаат бодовите, па гол разликата.
Доколку не се
одиграни сите меѓусебни дуели, ќе се гледа просечна гол разлика, или просечен
број на дадени голови, а крајно решение е ждрепка.