30-годишниот офанзивен фудбалер ќе игра на позајмица во Милан кој на Кротоне ќе му плати 2,6 милиони евра, а има опција за перманентен трансфер за уште 5,4 милиони евра плус бонуси.
Интересно кај овој трансфер е дека Жуниор Месиас пред само три години настапуваше во Серија Д. Доколку се работеше за млад фудбалер приказната немаше да биде невообичаена, но станува збор за 30 годишен Бразилец.
Месиас во 2019 година потпиша за Кротоне, а претходно настапуваше за Касале, Чиери и Гоцано. Со сите тие екипи играл во Серија Д, но со Гоцано се пробил до Серија Ц од каде е забележан и ангажиран од Кротоне.
Тој претходно фудбалот го сфаќал само како хоби, а за да преживее работел најразлични нешта, од собирање и продавање цигли од урнати згради до испорака на машини за перење.
Во 2015 година бил забележан од поранешниот играч Елио Роси кој го сретнал Месиас за време на некои локални натпревари во Торино и му понудил да се пресели во тимот на Касале за месечна плата од 1.500 евра. Од таму и започнува подемот на Месиас до Серија А.
Дел од неговиот опуштен пристап кон спортот беше видлив и во Серија А. Минатата сезона се скина неговиот дрес, а тој наместо да го смени со нов, едноставно набрзина врза јазол на скинатото место и така продолжи да игра.
Во минатата сезона, за него дебитантска во Серија А, постигна девет голови и имаше четири асистенции.
Дури и да не успее во Милан, неговата приказна е неверојатна, за три години од Серија Д до фудбалски гигант како што е Милан и тоа на 30-годишна возраст. Од разнесувач на машини за перење до милионер.