Ливерпул синоќа го потврди трансферот на Луис Диаз, кој за 60 милиони евра стана четвртото најскапо засилување во историјата на „црвените“.
Колумбиецот пред неколку дена беше на чекор до Тотнем, но Ливерпул успеа да го украде пред носот на ривалот од Премиерлигата. Медиумите од Англија сега откриваат што се случувало зад сцената.
„Црвените“ кога минатото лето го продале Марко Грујиќ на Порто, побарале да бидат информирани за ситуацијата на Луис Диаз и да бидат известени доколку некој клуб достави конкрента понуда.
Па откако Тотнем договори трансфер вреден 60 милиони евра, Порто го известил Ливерпул за настанатата ситуација, а клубот од Енфилд решил да реагира брзо.
„Црвените“ се сложиле на истите услови (45+15 милиони евра) со тоа што бунусите нема да бидат тешко остварливи како оние од договорот со Тотнем. Ливерпул исто така се сложил да исплати 8 милиони до понеделник, па Порто дал дозвола Јирген Клоп да разговара со Луис Диаз.
Откако Германецот остварил видео повик со Луис Диаз, фудбалерот не сакал да слушне за Тотнем и во мислите имал само трансфер во Ливерпул.
Првиот човек на Тотнем, Даниел Леви бил бесен од ваквото однесување на луѓето од Ливерпул задолжени за трансфери и дури сакал да се пожали до сопствениците на клубот од Енфилд.