Јаховиќ: Ангеловски нема му*а да ја каже вистината, не знам дали да плачам или да се смеам

by
3 минути читање

Синоќа, во емисијата „Заспи ако можеш“ на ТВ Алфа, селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски запрашан зошто Адис Јаховиќ иако има одлична статистика не е дел од селекцијата, одговори: „Адис Јаховиќ имаше суспензија од претходните селектори поради инцидент со Даниел Георгиевски. Јас му ја симнав суспензијата и му дадов можност за поправен. Имаше минутажа на дел од мечевите за кои сметав дека треба да ја добие, а против Италија во Торино не играше. Следуваше мечот со Лихтенхштајн во Струмица, пред натпреварот дојде кај мене и ми рече дека сака да ја напушти репрезентацијата затоа што сака да се посвети на клупскиот фудбал, дека сака да го отстапи местото на помладите. Јас му реков дека тоа е погрешна одлука, дека има време за помладите. Тој за време на мечот, во 75. минута го напушти теренот и си замина за Скопје. По мечот изјави дека се повлекува од репрезентацијата“.

На оваа изјава денеска преку социјалните мрежи реагираше Јаховиќ, тој смета дека селекторот лаже, а причината поради која не е во селекцијата е тоа што Ангеловски си има „свои“ играчи.

„Не знам дали да се смеам или плачам од вакви изјави. Зашто немаат некои му.а да кажат што е вистината, од што се плашат, да изгубат работа или лице? Што не кажеш зошто не ме повика после промашениот пенал против Израел, а после една година пак ме повикуваш??? Зошто после повик не ме стави во игра, ако сум ти рекол дека нејќам да играм веќе за репрезентација? Ааа заборавив дека имаш свои играчи или ти било наредено во тоа време!!! Зошто премија не ми даде за тие два натпревари со Италија и Лихтенштајн, 750 евра, кај се тие пари, во кој џеб отидоа??? Зошто не ми се јави никогаш додека бев дел од репрезентацијата, а кај некои играчи одеше во државите каде што играат!! Така да те молам немој да изјавуваш нешто да би се оправдал… погледај ја мојата статистика во последните 4-5 години, нема што да се каже…“, вели Јаховиќ и продолжува:

„Адис се откажал од репрезентација!!! Па и Пандев се откажа од репрезентација па ти нели отиде да го молиш да се врати назад, зошто?? Нормално дека ќе одиш да го вратиш зошто е наш најдобар фудбалер на сите времиња и дека е потребен на репрезентацијата, и правилно си направил, така треба. Јас не сакам да се споредувам со него, затоа што ни еден од Македонија не смее да се споредува со Гранде Пандев, а ти дали мене ми си се јавил да кажеш, Адис дали си променил мислење да се вратиш, бидејќи и требаш на репрезентацијата? Затоа би те замолил да не ме дираш мене“.

„И нема ни еден играч на светот кој не сака да игра за својата родена земја, јас кариерата не ја направив со тоа што сум нечиј играч или што сум со репрезентацијата, јас со мојата работа и голови дојдов до овде каде што сум, и во репрезентацијата дојдов на 26 години со мојата статистика, работа и голови. И последната моја изјава беше и ќе стојам позади тоа: ако сум потребен и мислат во репрезентацијата дека можам да помогнам и да дадам се од себе за мојата Македонија секогаш сум тука. А да ме викаат да се исперат пред други или некои други позадински работи, не ме барајте. Фала и среќно“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани