Функционерите на Иранската фудбалска федерација нема да присуствуваат на конгресот на ФИФА во Канада, објави агенцијата „Тасним“, наведувајќи дека причината е однесувањето на имиграциските службеници на аеродромот во Торонто.
Според извештајот, проблемот настанал поради „непримерно однесување на имиграциските власти“ на аеродромот, по што иранската делегација одлучила да ја напушти земјата.
Агенцијата наведува дека тројца високи претставници на федерацијата, претседателот Мехди Тај, генералниот секретар Хедајат Момбеини и неговиот заменик Хамед Момени пристигнале со визи за учество на конгресот, но се вратиле со првиот достапен лет за назад. Засега нема дополнителни детали за инцидентот што довел до нивното заминување.
Претходно, „Иран Интернешнл“ објави дека канадските власти му одобриле привремена дозвола за престој на Тај, што му овозможило влез под строги услови, иако инаку има забрана за влез. Сепак, останува нејасно дали дозволата била повлечена по неговото пристигнување или му бил одбиен влез по дополнителни проверки.
На 76. конгрес на ФИФА во Ванкувер се очекува да учествуваат претставници од 211 земји-членки.
„Ако вака е во Канада, каде што треба да биде полесно, како ќе биде на Светското првенство во САД?“, изјавил за „Ројтерс“ еден делегат на конгресот на АФЦ, кој сакал да остане анонимен поради чувствителноста на темата.
Учеството на Иран на претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико е една од најчувствителните политички теми за ФИФА, особено по ескалацијата на односите откако САД и Израел во февруари започнаа воен конфликт со Иран.