Иднината на Мауро
Икарди во Интер е под знак прашалник откако „нероаѕурите“ минатата недела
на големо изненадување решија да му ја одземат капитенската лента.
По ваквата вест,
Аргентинецот веднаш се пожали на болки во коленото и пропушти три натпревари, а
се очекува да биде надвор од стројот и за дуелот со Фиорентина и покрај тоа
што деталните тестови покажаа дека тој нема никаква повреда.
Интер не
образложи зошто се решил на еден ваков чекор, но и покрај тензичната ситуација,
директорот Бепе Марота изјави дека тие сакаат да ја продолжат соработката со
голгетерот и најави дека наскоро ќе стокмат предлог за нов договор и ќе го
достават до неговата сопруга и агент, Ванда Нара.
Денешното издание
на Кориере дело Спорт вели дека понудата е доставена и Мауро Икарди на маса има
четиригодишен договор со плата од 6,5 милиони евра по сезона плус бонуси. Весникот
додав дека овој предлот не ги исполнува барањата на играчот, кој инсистира на плата од 7,5 милиони
евра која со бонуси ќе му донесе околу 10 милиони евра годишно.
Доколку двате
страни не успеат да најдат заеднички јазик, неизбежна е разделбата по крајот на
сезоната, па Интер работи и на ова сценарио и има идентификувано двајца
напаѓачи како потенцијална замена.
Првиот е Един
Џеко, кој е докажан фудбалер во Серија А и би требало да гарантира голови.
Босанецот во март полни 33 години, обврзан е кон Рома до 2020 па „нероаѕурите“
веруваат дека можат да го добијат за мала сума на пари односно 10-12 милиони
евра.
Втората опција е
младиот Лука Јовиќ од Ајнтрахт, кој во моментов е прв стрелец во Бундеслигата. Сепак
неговиот ангажман ќе чини многу повеќе, најмалку 40 милиони евра, а
дополнителен проблем е тоа што половина Европа е заинтересирана за потписот на
Србинот.