Инфантино со пари од УЕФА ја правел среќна својата љубовница

by riste
3 минути читање

Шокантно откритие! Добила шестцифрена сума за отпремнина, а платено ѝ е и школувањето. Жената чие име не е објавено, на почетокот од наводната врска со Инфантино била на административна позиција, но последователно била унапредена.

Британскиот дневен весник „Телеграф“ објави ексклузивна сторија за тоа дека некогашната љубовница на претседателот на ФИФА, Ѓани Инфантино, била исплатена со пари од УЕФА.

Тоа се случило во времето додека Инфантино бил генерален секретар на УЕФА, а се работи за шестцифрен износ.

Неименуваната жена не само што добила пари по љубовната афера со Инфантино, туку била и унапредена за време на врската. Нејзе ѝ биле уплатени пари од сметката на УЕФА за отпремнина, а исто така и за школување за да оди на мастер студии во деловна школа.

УЕФА се огласи во петокот и потврди дека исплата била извршена и дека во Европската фудбалска унија се свесни за наводите дека лицето кое ги добило парите било во наводна врска со Инфантино.

„Свесни сме за наводите и можеме да потврдиме дека на лицето за кое станува збор ѝ е исплатена отпремнина, како и дека се платени мастер студии во локална деловна школа. Исплата е извршена во согласност со правилата кои тогаш биле на сила. Од 2016 година правилата се променети и позаострени, важат за сите вработени во УЕФА, на сите нивоа и се слика на модерна организација“, изјави портпаролот на УЕФА.

Инфантино работеше во УЕФА 16 години, почнувајќи од 2000 година, за во 2016 година да стане прв човек на ФИФА.

„Телеграф“ тврди дека Инфантино, кој е оженет и татко на четири деца, имал наводна врска со жена вработена во УЕФА во времето кога бил генерален секретар. Соговорниците на „Телеграф“ кои во тоа време работеле во Европската куќа на фудбалот сведочеа дека Инфантино се погрижил за нејзиното заминување да ѝ биде исплатена голема сума пари, односно, како што е наведено, „се работи за најмалку шестцифрен износ“.

ФИФА по тој повод исто така се огласи во петокот и наведе дека никогаш немало какви било поплаки за однесувањето на Џани Инфантино од страна на вработените:

„Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ги отфрла сите наводи и категорично тврди дека не се вистинити. Какви било инсинуации за недолично однесување и прекршување на статутот и правилниците се злонамерни. Ниту еден вработен во УЕФА или ФИФА никогаш нема поднесено жалба за однесувањето на господинот Инфантино бидејќи никогаш и не постоела причина за такво нешто или каков било инцидент во кој тој бил вклучен. Сите акции во односите со вработените, вклучително и отпремнината при заминување, секогаш биле спроведени во согласност со правилата“, порача портпаролот на ФИФА.

Наводно, жената за која станува збор прво била унапредена на позицијата менаџер за време на траењето на наводната врска. Повторно наводно, тогашниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, се соочил со Инфантино поради непримерената врска, по што било договорено наводната љубовница да ја напушти УЕФА со поголема компензација.

УЕФА ги платила и мастер студиите, во вкупен износ од 45.000 фунти за една година.

Жената чие име „Телеграф“ не го објави, на почетокот од наводната врска со Инфантино била на административна позиција, но последователно била унапредена. Кога било договорено нејзиното заминување од УЕФА, Инфантино наводно, користејќи ги своите врски, успеал да ѝ обезбеди профитабилна работа во истото поле.

„Телеграф“ наведува и дека Инфантино на својата наводна љубовница ѝ обезбедил унапредување и покачување на платата од 30 проценти, како и дека таа месечно заработувала 147.000 фунти. Наводно, на колегите во тоа време им било чудно што добила и унапредување и покачување на платата, па уште тогаш постоеле сомнежи.

„Телеграф“ тврди дека разговарал со поголем број сведоци, при што еден од нив рекол:

„Направи голема грешка која за малку ќе го чинеше кариера. Луѓето му кажуваа на Платини што се случува. Му велеа дека мора да го отпушти“.

Друг наведе дека Платини се соочил со Инфантино и му рекол: „Ти или таа?“, по што Инфантино рекол дека таа ќе замине, по што таа и ја напуштила УЕФА.

„Телеграф“ побарал коментар и од Мишел Платини, но тој не се огласил.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×