По години на болка, разочарувања и изгубени финалиња, Хари Кејн конечно го дочека моментот што го сонуваше целиот живот. Англискиот голгетер ја подигна шампионската титула во Бундеслигата со Баерн Минхен и стави крај на „трофејната суша“ што го следеше во текот на целата кариера.
По убедливата победа над Борусија Менхенгладбах, фудбалерите на Баерн и официјално го добија пехарот, а Кејн не можеше да ја сокрие радоста. Доминантната сезона на Баварците значеше враќање на тронот на германскиот фудбал, а за Кејн – историски момент. Ова е прв голем трофеј во сениорската кариера на капитенот на Англија, кој години наназад важеше за еден од најдобрите напаѓачи на светот, но со празна витрина.
Во дресот на Тотнем загуби финале на Лига на шампиони, финале на Лига куп и две полуфиналиња во ФА купот. Со Англија остана краток во две финалиња на Европските првенства.
Многумина зборуваа за „проклетството на Кејн“, симбол на голем играч без трофеј. Но, од синоќа, таа етикета заминува во историја. Баерн му донесе трофеј, а Кејн сега гледа напред – со надеж дека ова е само почеток на серија што ќе ја заокружи со титула во Лигата на шампионите…