Убедливата победа од 6-0 на Канада над Катар, беше засенета со страшна повреда на Исмаил Коне, Асим Мадибо со груб старт му ја скрши ногата.
За Коне не само што заврши Светското првенство, туку го чека подолга пауза, можеби е завршена и календарската година.
„Канадскиот фудбалер од средниот ред се здоби со скршеница на фибулата, а од достапните информации има и скршеница на тибијата. Во моментов се наоѓа во болница со неговата мајка Сузан која му дава поддршка во пресрет на операцијата. Коне би можел да отсуствува четири до пет месеци, што значи дека за него Светското првенство е завршено. Мадибо по инцидентот отишол во соблекувалната и лично му се извинил“, откри Фабрицио Романо.
Повредата ја прокоментира и селекторот на Канада, Џеси Марш.
„Се случи точно пред нашата клупа. Сите слушнавме. Веднаш знаев дека повредата е слична на таа на Тајон Бушман на тренингот од 2024 година. Срцето ви се кине поради него, сите се потресени, не само поради природата на повредата, туку и поради тоа што Исмаил е големо срце на нашата екипа“, рече Марш.