Атмосферата во Реал Мадрид е на работ на ерупција откако клубот остана без уште еден трофеј – овојпат по драматичниот пораз од Барселона во финалето на Купот на Кралот.
Каталонците славеа со гол на Кунде во 116. минута од продолженијата, а клучната грешка му се припишува на Лука Модриќ, кој испрати ризичен пас што го пресече стрелецот на победничкиот погодок. Модриќ бил видно разочаран, но уште понервозен бил Антонио Ридигер. Германецот по натпреварот се обиде да се пресмета со главниот судија Рикардо де Бургос – го гаѓал со кеса мраз и соиграчите едвај го задржале.
Ситуацијата кулминирала во соблекувалната, каде според пишувањето на „Дон Балон“, дошло до физички конфликт меѓу Модриќ и Ридигер. Хрватот жестоко реагирал на однесувањето на дефанзивецот, нагласувајќи дека со таков потег „го посрамотил грбот на Реал“.
Извори блиски до клубот тврдат дека Модриќ му порачал дека Реал не се однесува така – дури и кога смета дека е оштетен. Интервенција била неопходна од останатите играчи и членови на стручниот штаб за да се спречи поголем инцидент. Како што пренесува шпанскиот медиум, атмосферата во тимот е „на работ да експлодира“.