Селекцијата на
Комори вечерашниот меч против Камерун во рамките на осминафиналето од
Африканскиот куп на Нации ќе мора да го игра без голман, со тоа што таа улога
ќе му биде доверена на некој од останатите играчи во тимот.
Али Ахамада не е
во можност да им помогне на своите соиграчи иако доби негативен тест на
последното тестирање утрово, поради фактот што правилата налагаат дека мора во
изолација од пет денови откако ќе добие позитивен тест на коронавирусот.
Останатите двајца
голмани на Коморо се исто така вон комбинација за вечерашната пресметка, со тоа
што Мојад Осеинаре исто така беше позитивен на тестирањето за ковид-19, додека
пак третиот чувар на мрежата, Салим Бен Боина е повреден.
Селекторот на
оваа репрезентација, Амир Абду исто така е позитивен на вирусот, а тренерот на
голманите, Жан-Даниел Падовани за јавноста обелодени дека под посебни
подготовки подготвувале на тренинзите играч кој ќе застане на голот, иако не го
откри името на истиот, само наведе дека станува збор за играч кој на тренинзите
докажал дека може да се снајде на таа позиција.