Пеп Гвардиола, еден од најуспешните фудбалски тренери на модерното време, откри дека по завршувањето на актуелниот договор со Манчестер сити ќе земе пауза од тренерската кариера. Во интервју за„ЕСПН Бразил“, 54-годишниот стратег изјави дека сè уште не знае дали целосно ќе се повлече, но е сигурен дека ќе направи пауза откако ќе замине од „Етихад“.
Гвардиола го води Манчестер сити од 2016 година, а во ноември минатата година потпиша нов двегодишен договор кој го врзува за клубот до 2027 година. Тоа ќе биде неговиот најдолг ангажман во кариерата, откако претходно четири сезони беше на чело на Барселона, а три во Баерн Минхен.
„Кога ќе ми истече договорот со Сити, ќе застанам. Сигурен сум. Не знам дали целосно ќе се пензионирам, но сигурно ќе направам пауза“, рече Гвардиола во серијалот „Premier League Encounters“, кој се емитува на „Disney+“.
Од неговото пристигнување во Англија, Гвардиола направи револуција во Манчестер сити. Со клубот освои шест титули во Премиер лигата и ја донесе историската прва титула во Лигата на шампиони, како дел од тројната круна во сезоната 2022/23.
Но, оваа сезона е далеку од идеална за неговата екипа, „граѓаните“ заостануваат дури 21 бод зад новиот шампион Ливерпул и водат тешка битка за обезбедување место во Лигата на шампиони следната сезона.
„Сакам луѓето да ме паметат како што тие ќе изберат“, изјави Гвардиола. „Верувам дека навивачите на Барселона, Баерн и Сити уживаа гледајќи како играат моите тимови. Но не треба да живееме за да се грижиме дали ќе нè паметат. На крајот, кога ќе умреме, семејството ќе тагува неколку дена, а потоа сè завршува – нè забораваат“, изјави Пеп.