Сезоната за Реал Мадрид ќе заврши без освоен трофеј, а тоа предизвика вклучување на сите аларми на „Сантијаго Бернабеу“. Еден од клучните проблеми за „кралскиот клуб“ беа честите повреди на клучни играчи, поради што ветеранот Лука Модриќ мораше да игра повеќе од очекуваното, дури до поставување нов личен рекорд.
Хрватскиот репрезентативец оваа сезона настапи на дури 55 натпревари, што е најмногу откако пристигна во Мадрид во 2012 година. Претходниот рекорд му беше од дебитантската сезона (2012/13), кога забележа 53 настапи.
Јасно е дека Карло Анчелоти не планираше да го користи Модриќ во толкава мера, но ситуацијата на теренот го натера да му даде значително поголема улога. Една од причините секако е и пензионирање на Тони Крос, што ја зголеми потребата за искуство и стабилност во средниот ред.
Модриќ има договор со Реал до 30 јуни, а сè уште нема официјална одлука дали идниот тренер, Чаби Алонсо, ќе инсистира на продолжување на соработката. Доколку Хрватот остане уште една сезона, се очекува неговата улога да биде ограничена и во главно да помага од клупата.
Фото: Real Madrid C.F/FB