Легендата на Манчестер јунајтед, Рајан Гигс не гледа иднина за Маркус Рашфорд на Олд Трафорд, смета дека навивачите нема да му простат за однесувањето и недоволното залагање.
Рајан Гигс беше дел од тренерскиот персонал на Луј ван Гал кога Маркус Рашфорд доби шанса да дебитира во првиот тим на „ѓаволите“ во 2016, добро знае со каков квалитет располага напаѓачот, но смета дека најдобро за двете страни е да се разделат во летниот преоден рок.
„Не гледам иднина за Рашфорд во Манчестер јунајтед. Не изгледаше среќно, во Астон Вила сега изгледа далеку посреќен“ – вели легендата на „ѓаволите“ како гостин во емисијата на Рио Фердинанд.
„И жал ми е што дојдовме до ваква ситуација, знам каков играч беше кога му дадовме шанса да дебитира, бев дел од тренерскиот персонал“.
Запрашан како ќе се справи со Маркус Рашфорд доколку сега е дел од тренерскиот персонал, Рајан Гигс одговори: „Како прво, ќе мора да работи повеќе“.
„Без разлика на која позиција играте или каде се наоѓате на теренот, мора да спринтирате назад кога тоа е потребно, особено кога на вашиот тим не му оди добро и е во резултатска криза“.
„Видете, навивачите ќе ви простат за големо промашување, но нема да заборават ако не работите доволно или не се залагате доволно. Едноставно ова нема да ви го простат. Сите фудбалери можат да спринтираат и да се вратат назад, секој може и мора да го прави тоа“.
Гигс потоа додава: „Кога беше млад, Рашфорд играше со слобода, и за жал не го прави тоа повеќе. Па мислам дека најдобро за двете страни е да се разделат. За некој клуб ќе биде брилијантен фудбалер, само не знам за кој…“.