Германија со 3-0 го победи Исланд во првото коло, а синоќа со 1-0 славеше на гостувањето кај Романија и со максимални шест бодови ги почна квалификациите за СП.
Германија на мечевите со Исланд и Романија настапи со идентичен стартен состав, па Лев смета дека би било премногу истите 11 да истрчаат и против Македонија.
Тој нема да го менува составот затоа што ја потценува Македонија, туку е незадоволен од изданието против Романија, особено од реализацијата. Дополнително смета дека со вметнување на неколку нови фудбалери ќе внесе свежина во тимот.
Едни исти фудбалери да одиграат три меча за неполна недела е многу, па Германците против Македонија ќе имаат променет состав.
Стартниот тим на Германија за дуелите со Исланд и Романија беше: Нојер, Гинтер, Емре Џан, Рудигер, Клостерман, Кимих, Горецка, Гиндоган, Сане, Хаверц, Гнабри.
Мечот меѓу Германија и Македонија се игра во среда со почеток од 20:45 часот.