Фудбалската икона Тиери Анри е еден од главните фаворити за тренерската позиција во РБ Лајпциг од следната сезона, пренесуваат германските медиуми. Според истите извори, Анри веќе стапил во контакт со Јирген Клоп, кој игра значајна улога во одлуките околу стручниот кадар во клубовите што се под капата на Ред Бул.
Во трката за нов тренер остануваат само две имиња – Анри и актуелниот стратег на Кристал Палас, Оливер Гласнер. Австриецот важи за човек кој добро ја познава фудбалската филозофија на Ред Бул, имајќи предвид дека во минатото беше ангажиран како спортски координатор во Ред Бул Салцбург. Тоа искуство му носи мала предност во очите на управата на германскиот клуб.
Лајпциг во меѓувреме се наоѓа во голема битка за место во Лигата на шампионите. Тимот моментално се наоѓа на четвртата позиција во Бундеслигата, но конкуренцијата не мирува – Фрајбург, Мајнц и Борусија Дортмунд му дишат во врат. Распоредот до крајот на сезоната не оди во прилог на Лајпциг – тимот ќе се соочи со Ајнтрахт Франкфурт, Баерн Минхен, Вердер и Штутгарт.
Во меѓувреме, една од важните теми во редовите на клубот е и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас. Според информациите, тој треба да се врати од позајмицата во Торино, а неговиот статус ќе биде разгледан веднаш по завршувањето на сезоната.
Фото: АS Monaco/X