До крајот на Светското првенство останаа само уште два натпревари, а вечерва од 23:00 часот на програмата е спектакуларната увертира пред неделното финале. Во натпреварот за третото место и бронзениот медал во Мајами ќе се соочат Франција и Англија. Иако дуелите за третото место често се сметаат за „утешни“, пресметката меѓу овие два фудбалски гиганти ветува возбудување до последниот судиски свиреж.
Двете селекции беа на чекор до големото финале, но беа запрени во полуфиналето. Франција загуби од одличната Шпанија со 2:0, а „триколорите“ во последниот натпревар под водство на Дидие Дешамп ќе се обидат да покажат дека тој пораз бил само лош ден и дома да се вратат со нов медал од мундијалите.
Англија, пак, предводена од Томас Тухел, претрпе болен пораз од Аргентина со 2:1 и тоа по пресврт во исклучително драматичен натпревар.
Освен борбата за бронзата, вечерашниот натпревар носи и индивидуален предизвик за најголемата ѕвезда на Франција, Килијан Мбапе. Тој е во трка за „Златната копачка“ и титулата најдобар стрелец на Светското првенство.
Во моментов, на врвот на листата се Меси и Мбапе со по осум постигнати голови, но Аргентинецот има предност поради поголемиот број асистенции, четири наспроти три.
Мбапе вечерва има идеална можност со погодок, или со две асистенции, да го преземе водството и дополнително да изврши притисок врз Меси во пресрет на големото финале.
Според статистичките анализи на „Опта“, која направила повеќе од 25.000 симулации пред вечерашниот натпревар, Франција е благ фаворит. Французите имаат 50,7 проценти шанси за победа во регуларните 90 минути, додека шансите за триумф на Англија изнесуваат 25,6 проценти. Во 23,7 проценти од симулациите натпреварот завршува нерешено и оди во продолженија.