Флуминенсе е првиот патник во полуфиналето на Светското клупско првенство, откако го совлада Ал-Хилал со 2-1 на дуелот одигран во Орландо.
Првото полувреме мина без многу возбудувања, a мрежата прв ја затресе Мартинели во 40. минута, кој одлично се снајде пред голот на Боно за водство од 1-0. Во самиот финиш на полувремето судијата Дани Макели досуди пенал, но по ВАР-интервенција ја промени одлуката – на големо задоволство на Флуминенсе.
Ал-Хилал успеа да се врати во игра на стартот на вториот дел, кога Маркос Леонардо погоди по мешаница во казнениот простор и асистенција од Кулибали. Но, тимот од Рио брзо презеде контролата. Притисокот вроди со плод во 70. минута, кога Херкулес погоди за 2-1 по одлична акција и додавање од Самуел Ксавиер.
Саудискиот тим се обиде да се врати, имаше и долга надокнада, но Флуминенсе успеа да го задржи водството и да обезбеди место меѓу најдобрите четири.