Барселона осетно
се засили ова лето, беспари пристигнаа Франк Кеси и Андреас Кристенсен а потоа
беа платени преку 150 милиони евра за Рафиња, Роберт Левандовски и Жил Кунде. Се
најавуваат уште неколку имиња до крајот на преодниот рок и можноста за уште
едно големо засилување во Бернардо Силва.
„Каталонците“
прикажаа импресивни партии на подготовките, славеа и против Реал Мадрид во САД,
па синоќа Флорентино Перез беше запрашан за тимот кој го склопи Барселона.
„Барса… има
сезони во кои некогаш сте полоши, некогаш сте подобри но Барса е една од најголемите
институции во светот на фудбалот заедно со Реал Мадрид, мора да се врати на
нивото на кое беше и тоа е добро за сите, и за шпанскиот и за светскиот фудбал“
– рече претседателот на Реал Мадрид по победата од 2-0 над Ајнтрахт Франкфурт
во финалето од Суперкупот на Европа.