По денешните натпревари од 12 часот во Серија А, најголем губитник е Јувентус, кој падна од третата на шестата позиција на табелата, додека Наполи и Елиф Елмас математички го обезбедија пласманот во Лигата на шампионите.
Во ист термин се играа сите клучни дуели за европските позиции, а освен Јувентус, останатите фаворити успеаја да стигнат до победи.
Торинскиот клуб на домашен терен доживеа неочекуван пораз од 0:2 од Фиорентина, иако противникот немаше посебен резултатски притисок. Избраниците на Спалети повторно одиграа под очекувањата и оставија блед впечаток.
Во Рим се играше дербито меѓу Рома и Лацио, во кое „волчицата“ славеше со 2:0. Херој на домашните беше Манчини, кој постигна по еден гол во двете полувремиња. Во вториот дел, натпреварот донесе и по едно исклучување на двете страни, Весли кај Рома и Ровела кај Лацио.
Наполи на гостувањето кај Пиза забележа сигурна победа од 3:0. Мектоминеј и Рахмани погодија во првото полувреме, а Елмас беше асистент при вториот гол по одлично изведен корнер. Конечните 3:0 ги постави Хојлунд во финишот на натпреварот.
Милан на гостувањето кај Џенова славеше со 2:1, со голови на Нкунку и Атекаме, додека Васкез во завршницата го ублажи поразот за домаќинот.
Во последниот натпревар Комо забележа победата со погодок на Морено во 58. минута.
По овие резултати, Јувентус и Комо имаат по 68 бодови и се на петтото и шестото место, додека Милан и Рома се на четвртата позиција со по 70 бодови. До крајот на сезоната останува уште едно коло, кое ќе биде клучно за конечниот расплет во борбата за Европа.