Во пресрет на денешната пресметка на „Еланд Роуд“, Лидс имаше само теоретски шанси за директен пласман во Премиерлигата, но сега ќе мора по потешкиот пат и плеј-офот откако одигра само 1-1 против Астон Вила.
Натпреварот ќе биде запаметен по одлуката на Марсело Бјелса, кој им нареди на своите играчи да ги пуштат гостите да постигнат гол.
Стратегот се реши на еден ваков чекор откако неговите избраници поведоа под контроверзни околности. Додека еден играч лежеше на теренот и гостите бараа играта да биде стопирана, се чинеше дека Робертс ќе ја исфрли топката во аут, но наместо тоа се случи брза контра на Лидс и Клих погоди за 1-0.
Па настана голема мешаница помеѓу играчите на теренот и лицата од клупите за резерви. Тренерот на Лидс се обиде да ги смири страстите со тоа што дозволи Астон Вила да изедначи веднаш штом гостите тргнаа од центар.
Некои сметаат дека ова е фер-плеј потег, но други мислат дека е лудост. Бјелса веќе еднаш ја разбранува јавноста во Англија оваа сезона. Во пресрет на дуелот со Дерби откри дека ги шпионира сите противници, откако член од неговиот персонал беше забележан како тајно го следи тренингот на „овните“ па дури беше повикана и полиција.