Тутомеркатовеб
синоќа најави вест која ќе предизвика „земјотрес“ и точно на полноќ беше
обелоденета ексклузилва на новинарот Танкреди Палмери.
Тој откри дека
Маури Икарди добил понуда од Наполи со која ќе стане најплатениот фудбалер во
Серија А зад Кристијано Роналдо. „Наполитанците“ на Аргентинецот му понудиле
плата од 9 милиони евра, како и додатни 2 милиони евра во бонуси, поврзани со
неговите перформанси на теренот и успесите на клубот.
Танкреди Палмери
потоа додаде дека и покрај конкретниот предлог кој го доставил клубот од Сан Паоло,
Мауро Икарди нема да заврши на југот на Италија и ќе се пресели на северот
бидејќи Интер одлучил да го продаде на Јувентус.
Интер и Јувентус
се лути ривали, па многумина се прашуваат зошто „нероаѕурите“ би се решиле на
еден ваков чекор.
Новинарот има
теорија и вели дека една од причините е тоа што Мауро Икарди одлучил дека не
сака трансфер во странство и сака да остане во Италија. Па поголемиот дел од
директорите на Интер преферираат да го продадат на Јувентус со цел да се
оствари поголема капитална добивка, иако таа нема да биде толку голема колку
што можеше да биде пред три недели.
Самиот Палмери
признава дека навивачите на Интер тешко дека ќе прифатат едно вакво сценарио со
оглед на тоа дека „тифозите“ збеснаа пред пет години кога беше откриено дека е
договорена трампа Гуарин за Вучиниќ. Тогаш под притисок на фановите и протести,
„нероаѕурите“ се откажаа од зделката во пет до дванаесет.
Но тој верува
дека стратегијата за продажба на Мауро Икарди на Јувентус започнала со тоа што сосема
неочекувано, на Аргентинецот му се одзима капитенската лента. Потоа следи
цел медиумски циркус, голгетерот одбива да игра а фановите се вртат против
него. Палмери посочува дека сега самите „тифози“ бараат Икарди да биде
продаден, и верува дека нема до толку да му замерат на клубот доколку
Аргентинецот заврши во Торино.
Оваа „бомба“ на
Тутомеркатовеб брзо се проши на социјалните мрежи и порталите, но големите
весници од Италија не и обрнаа внимание, и никој не реши да ја пренесе или
сподели.
Останува да се
види каква ќе биде иднината на Мауро Икарди во чиј договор има откупна клаузула
од 110 милиони евра но важи само за клубови надвор од Италија.