Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, упати јасна порака до ФИФА поради лошиот квалитет на терените на Светското клупско првенство.
ПСЖ како освојувач на групата Б обезбеди место во осминафиналето каде ќе се соочи со Интер Мајами, но шпанскиот стратег и покрај победата не беше задоволен од условите на стадионот „Лумен Филд“ во Сиетл.
„Иако триумфиравме, морам да нагласам дека теренот не е на ниво за професионален фудбал. Квалитетот на тревата е далеку од европските стандарди. Топката отскокнува неприродно, како да играш на бетон. Овој терен порано имал вештачка подлога, сега е со природна, но тоа не е доволно. Се полева рачно, се суши брзо и не нуди никакви услови. Ова не е алиби, туку реалност. Ако сакаме фудбал на врвно ниво, мора да се инвестира во инфраструктурата. Не само на стадионите, туку и на тренинг базите. ФИФА мора да реагира“, порачa Луис Енрике.