Натпреварите од 29. коло во неделниот термин ги одбележа уште еден неспортски потег, а тоа беше повлекувањето на екипата на Гостивар пред крајот против Работнички при резултат 1-2. Како што веќе се жалеа, револтирани од односот гостиварци се решија за радикален потег како Воска Спорт минатиот викенд.
Најефикасен беше мечот во Тетово во кој лидерот Шкендија двапати се враќаше од негатива и одигра нерешени 3-3 против Шкупи. Стартот го одбележаа двата автогола, прво на Мерџани од Шкендија, а потоа Геиј од Шкупи за 1-1. Следуваше ефектен гол на Демир Имери директно од слободен удар, па Џемил Ибиши погоди за 1-3 во 38. минута. Во вториот дел автогол си даде и Алберт Диене за 2-3, а конечниот резултат го постави Аденис Шала (3-3).
Реми без погодоци одиграа екипите на Силекс и Струга (0-0) во Кратово, а со тоа домашните не го искористија киксот на лидерот Шкендија.
Победа по четири порази во низа забележа Пелистер во „братското“ дерби со Тиквеш од 1-0. Единствениот гол на натпреварот го постигна Захар Тарасенко.