ФИФА пред почетокот на актуелното Светско првенство воведе неколку новини во правилникот, а една од нив дури сега, во завршницата на турнирот, почна да привлекува поголемо внимание.
Станува збор за правило со кое секој фудбалер што настапил на Мундијалот има загарантиран задолжителен одмор од три недели, кој започнува од денот кога неговата репрезентација ќе го заврши настапот на шампионатот.
Со оваа одлука, ФИФА практично ги обврза клубовите да им овозможат пауза на сите репрезентативци, без разлика на клупските обврски, што може да предизвика проблеми кај екипите чии играчи стигнаа до завршните натпревари на Светското првенство.
Тоа значи дека голем број фудбалери ќе пропуштат дел од летните подготовки за новата сезона, бидејќи ќе мора да го искористат законски загарантираниот тринеделен одмор пред повторно да им се приклучат на своите клубови.