Фудбалерот на Манчестер Сити и хрватската репрезентација, Матео Ковачиќ, заминува на подолг одмор од терените откако мораше да оди на операција на Ахиловата тетива. Англискиот клуб официјално потврди дека го очекува пауза од околу три месеци. Поради повредата, искусниот играч за врска нема да биде дел од јуниските натпревари на „коцкестите“. Хрватска се собра во Риека, каде што започнува подготовките за двата меча од квалификациската група Л за пласман на Светското првенство.
Првиот натпревар го играат на 6 јуни на гостински терен против Гибралтар, а вториот три дена подоцна против Чешка, на домашен терен во новата Опус Арена во Осиек.
Изборникот Златко Далиќ уште пред три дена на прес-конференција го најави отсуството на Ковачиќ.
„Влечеше повреда, го пропушти финалето на купот. Се надеваше дека со мирување ќе се среди, но болката и отокот се вратија. Се работи за проблем со петата и тетивата, и клубот одлучи дека мора на операција. Прогнозата е дека ќе паузира околу три месеци“, изјави Далиќ.
Ковачиќ досега има 110 настапи за Хрватска и важи за еден од најискусните и најважни репрезентативци.