Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) им изрече доживотна суспензија на двајцата фудбалери на Беса Слупчане кои физички го нападнаа голманот на ФК Аеродром.
Неодамна се случи голем инцидент во Слупчане кога фудбалери на Беса надпанаа играчи на Аеродром од кои најдебелиот крај го извлече голманот кој заврши во болница.
Заврши кариерата за фудбалерите кои тепаа, тие повеќе нема да можат да играат фудбал, а стадионот на Беса доби суспензија од десет натпревари.
„Фудбалската федерација на Македонија ја информира јавноста дека Дисциплинскиот комесар на Трета лига – Север донесе одлука за доживотна суспензија на фудбалерите Орхан Демири и Ердин Арифи од ФК Беса Слупчане, поради физички напад и обид за линч на противнички фудбалер по завршување на натпреварот ФК Беса Слупчане – ФК Аеродром, одигран во рамки на 8. коло од Третата лига – Север.
Домашниот терен на ФК Беса Слупчане се суспендира на 10 (десет) натпревари. Истовремено, ФК Беса согласно дисциплинскиот правилник е должен да плати и парична казна.
Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува секој облик на насилство на фудбалските терени и ќе продолжи со доследна примена на сите дисциплински прописи, со цел заштита на интегритетот на натпреварите и безбедноста на сите учесници во фудбалот.
Ставот на ФФМ е јасен и недвосмислен:
Во фудбалот нема место, ниту милост за оние што се подготвени да тепаат, линчуваат и го нарушуваат угледот на фудбалот“, стои во соопштението на ФФМ.