Димитар Митровски се подготвува за трансфер лето какво што досега не доживеал. Македонскиот крилен напаѓач блесна во дресот на Вараждин, беше вистинско откритие во пролетниот дел од сезоната и сега интересот за неговите услуги расте од ден во ден.
Хрватските и словенечките медиуми пишуваат дека Олимпија Љубљана е сериозно „вљубена“ во нашиот репрезентативец. Новиот спортски директор на шампионот од Словенија, Горан Боромиша, го има високо на листата на приоритети и веќе се подготвува понуда која би можела да биде историја за словенечкиот фудбал.
Се споменува сума од еден милион евра – трансфер кој би го соборил рекордот на Блесинг Елеке, за кого Олимпија своевремено плати 800.000 евра. „Ekipa24.si“ објави дека токму Митровски е цел број еден за офанзивата на „змајчеките“ во новата сезона.
Митровски ја одигра најдобрата полусезона во кариерата, беше лидер на Вараждин, директно заслужен за четвртото место и европскиот билет. Брз, продорен и со чувство за гол – тренерот Шафариќ не можеше да замисли состав без него.
Олимпија влегува во лето со амбициозни планови и сериозна реконструкција на ростерот. Ако Митровски слета во Љубљана, ќе биде тоа трансфер со силна порака – и за Словенија и за македонскиот фудбал.