433
Македонија вечерва во 18 часот во Тбилиси ќе го почне најважниот меч досега, дуел против Грузија кој носи пласман на Европско првенство.
Поминаа повеќе од 27 години кога Зоран Бошковски во Крањ го постигна првиот официјален гол за македонската фудбалска репрезентација. Отогаш одигравме многу натпревари, имавме победи, порази, добри резултати, разочарувања, но дури сега имаме меч кој може да ни донесе вистински успех, пласман на континенталното натпреварување за кое сите фудбалери сонуваат.
УЕФА со воведувањето на Лигата на нации ни овозможи полесен пат до тој историски успех, шансата со две раце ја зграпчивме и дојдовме пред реализација. Остана уште вечерва да го направиме тој последен чекор.
Отимизмот е голем, и меѓу фудбалерите и меѓу целата нација, но нема да биде лесно, колку што ние ја посакуваме победата, толку ја посакува и Грузија. И за нив е денот Д, и тие сонуваат за пласман на Европско првенство. Како предност го имаат домашниот терен, но не и поддршка од публиката, пандемијата од ковид-19 наложи мечот да се игра пред празни трибини.
Оваа година веќе одигравме два меча против Грузија, двата натпревари завршија идентично 1-1. Во Тбилиси Грузијците беа подобри, во Скопје бевме ние. Но заклучокот е дека тоа е репрезентација која може да се победи, и доколку ја пропуштиме оваа шанса, којзнае кога би имале подобра.
Игор Ангеловски се соочува со проблеми во составот пред мечот со Грузија, Барди поради повреда и дефинитивно отпадна, а поради позитивен тест на ковид-19 во Тбилиси не се ниту Кире Ристевски и Крсте Велкоски. Крајно неизвесен е настапот на Аријан Адеми кој има повреда, но постојат шанси да стисне заби и да истрча на теренот. Но, проблеми има и Грузија, тие ќе бидат без еден од своите најдобри фудбалери, Квича Кваратскелија кој е позитивен на ковид-19, нема да игра ниту повредениот Георги Чакветадзе.
За капитенот Горан Пандев ова ќе биде последна шанса за настап на големо натпреварување, учество со Македонија на Европското првенство треба да биде круна на неговата кариера.
„Имам одиграно повеќе од 500 натпревари во кариерата, сум играл многу важни натпревари, но ваков меч со репрезентацијата никогаш не сум играл. Свесен сум дека ова за мене е последна шанса. Знам дека нема да биде лесен натпреварот бидејќи и тие ја имаат истата желба како и ние. Но мислам дека имаме многу поквалитетна репрезентација. Треба да останеме присебни, да не не понесат емоциите, да останеме смирени, да одиграме како што ќе се договориме и убеден сум дека ќе ги добиеме Грузијците“, вели Горан Пандев.
Грузија е тврда репрезентација на домашен терен, во последните три години на свое тло загубиле само еднаш, од Швајцарија, но и немале многу мечеви против силни селекции. Тоа е екипа која може да се победи. Емоциите се големи, но кога ќе се истрча на теренот главата мора да биде ладна, дисциплинирано да се одигра во текот на сите 90 минути по инструкциите на селекторот Ангеловски и да се дојде до толку посакуваната победа.
„Добро знаеме за нашите квалитети и тука сме повторно во Тбилиси за да дојдеме до реализација на нашите цели, а тоа е пласман на ЕП. Фудбалерите се подготвени да одиграат за себе и за сите нас во Македонија. Овие фудбалери мене ме натераа да бидам мирен, спокоен, па и мирно да спијам. Иако тука сме сами, ја чувстуваме поддршката, стигнуваат пораки од поранешни селектори, репрезентативци, пријатели. Ќе играме и за нив“, вели селекторот Игор Ангеловски.
Натпреварот почнува од 18 часот со директен пренос на МТВ. Ќе го суди познатиот англиски судија Ентони Тејлор, ќе има и ВАР.