Црвена Звезда со пресврт славеше против Вардар со 1-3 во хуманитарен натпревар за семејствата на настраданите од трагедијата во Кочани.
Кога очите на целиот свет се вперени во Мадрид и Милано каде се играат реваншите во четвртфиналето во Лигата на шампиони, на „Тодор Проески“ во Скопје, пред повеќе од 20.000 гледачи, истрчаа фудбалерите на Вардар и Црвена Звезда во хуманитарен натпревар.
Пресметката помеѓу најтрофејниот македонски клуб и актуелниот шампион на Србија почна со една минута молк за трагично загинатите во пожарот во Кочани.
Откако во воедниот дел помина мирно и со многу додавања на средината од теренот , Вардар прв зададе удар и стигна до водство од 1-0 во 27. минута.
Маневски продре по левата страна, претрча 30-40 метри и силно биеше на првата статива за радост на „Тодор Проески“. Левиот бек прослави со солзи во очите, и голот го посвети на Андреј Лазаров, фудбалерот на Шкупи, кој е еден од починатите во пожарот во Кочани.
Но Црвена Звезда со два гола во финишот од првиот дел направи комплетен пресврт и на пауза замина со предност.
По една убава акција, Илиќ пласираше со лева на подалечната статива за 1-1 во 41. минута од мечот, а Катаи убаво ја префрли топката преку голманот за 1-2 во 44. минута.
На полувремето, продефилираа легендите на Вардар и Црвена Звезда, а атмосферата ја крена Бошко Ѓуровски, кој заедно со публиката ја запеа „Бисер Балкански“.
Во второто полувреме беа направени голем број на измени, па темпото на игра опадна.
Играта беше стопирана во 61. минута и сите со аплауз оддадоа почит на 61. жртва од трагедијата во Кочани.
Единственото возбудување се случи во 86. минута, кога Сремчевиќ ги постави конечните 1-3.