Фудбалската репрезентација на Македонија ќе се судри со Белгија и Казахстан во рамките на јунскиот квалификациски прозорец на патот кон следното Светско првенство.
Во пресрет на следните предизвици на еден од тренинзите на Милевски, своите очекувања ги изнесе репрезентативецот Дарко Чурлинов.
„Одиграв добра сезона, имав одлична минутажа, но сега фокусот е на репрезентативните настапи. Денес нема големи фаворити, ние ќе мораме да придонесеме максимално на теренот и да ги одработиме задачите од селекторот. Нема разлика дали противникот е Белгија или Казахстан, ние секогаш ја претставуваме Македонија на највисоко можно ниво. Правевме анализи, имавме состаноци и се фокусираме најпрво на мечот со Белгијците. Тактички сме добро потковани, ќе го видите тоа и на самиот натпревар“, изјави Чурлинов.
Македонија прво в петок ќе игра против Белгија во 20:45 часот во Скопје, а потоа в понеденик гостува кај Казахстан.