Чеферин за цените на билетите: Не е сè во парите

by Стефан
2 минути читање

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, при вчерашната посета на ФФМ даде интервју во кое отвори повеќе актуелни прашања поврзани со македонскиот и европскиот фудбал.

Меѓу темите се најде и цената на билетите, особено во контекст на претстојниот Мундијал во САД, каде што тие се значително повисоки. Чеферин нагласи дека во Европа приоритет останува достапноста на фудбалот за сите, потенцирајќи дека таквата политика ќе важи и за Европското првенство во 2028 година.

„Сигурни сме во себе бидејќи добро знаеме дека фудбалот во Европа е повеќе од спорт. Тоа е дел од нашата култура и историја и ние не можеме и не сакаме да дозволиме на нашите натпревари да доаѓаат само богати луѓе. Имаме јадро на навивачи за кои цените на билетите мора да бидат прифатливи. ФИФА има друг принцип, но тоа на некој начин не е мој проблем. Ние апсолутно ќе истраеме на тие ниски цени за Европското првенство. Честопати кога разговарам со комесарот на НБА или со други, гледам дека таму владее поинаков менталитет. Во Америка, ако кажете дека билетот е 5.000 долари, оној што нема пари – не доаѓа. Кај нас, ако ги подигнеме цените, секој ќе каже: „Фудбалот е мој, не можеш да ми го одземеш“. Би имале луѓе на улиците и сметам дека би биле во право. Сè уште работиме добро, сè е одлично, зошто би ги кревале цените? Не е сè во парите“.

Тој се осврна и на употребата на ВАР-технологијата, оценувајќи дека и покрај одредени слабости, таа донела значителен напредок во фудбалот.

„ВАР помогна во многу ситуации, но има и моменти кога нема логика – како на пример офсајд од неколку сантиметри. Работиме со IFAB на промена на правилото, така што целото торзо ќе треба да биде во офсајд позиција. Тоа би било поправедно“, објасни првиот човек на европскиот фудбал.

Според него, ВАР е особено корисен кај офсајдите и при проценка дали прекршокот е внатре или надвор од казнениот простор, но нагласи дека неговата употреба мора да биде ограничена само на јасни и очигледни грешки.

КОМПЛЕТНОТО ИНТЕРВЈУ СО ПРВИОТ ЧОВЕК НА ЕВРОПСКИОТ ФУДБАЛ МОЖЕ ДА ПОГЛЕДНЕТЕ ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

×