Тринаесет фудбалски федерации чии национални тимови настапуваат на актуелното Светско првенство јавно се спротивставија на изјавите на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, кој неодамна оцени дека проширувањето на Мундијалот на 48 репрезентации довело до натпревари со мала или никаква важност.
Во заедничка реакција, федерациите на Зеленортските Острови, Курасао, Узбекистан, Демократска Република Конго, Хаити, Алжир, Тунис, Мароко, Египет, Гана, Сенегал, Брегот на Слоновата Коска и Јужна Африка порачаа дека ваквите ставови се неприфатливи и не ја отсликуваат вистинската вредност на учеството на помалите фудбалски нации на најголемата светска сцена.
„Со длабоко разочарување ги примивме неодамнешните коментари на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, поврзани со проширувањето на Светското првенство и неговата оценка дека дел од натпреварите се без значење“, се наведува во заедничкото соопштение.
Потписниците нагласуваат дека за нивните земји секој настап на Светско првенство претставува историски момент и резултат на долгогодишна работа, вложувања и посветеност.
„За нашите нации, пласманот на Мундијалот е исполнување на сон што го сонуваат генерации спортисти и навивачи. Тврдењето дека некои од тие натпревари се помалку вредни претставува потценување на трудот, жртвата и амбициите на играчите, тренерите, клубовите и сите што го развиваат фудбалот во своите земји“, порачуваат федерациите во дел од соопштението.
— FRMF (@FRMFOFFICIEL) June 14, 2026