Чеферин му се налути на Инфантино: УЕФА ја нападна ФИФА

by Стефан
1 минути читање

Иако се очекуваше редовниот Конгрес на ФИФА, одржан во четвртокот, да мине во мирен тон, настанот доби сосема поинаков тек. Присутните беа сведоци на скандал, откако делегацијата на Европската фудбалска унија (УЕФА) демонстративно ја напушти салата во знак на протест против однесувањето на првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино.

Конгресот, кој требаше да започне во 11:30 часот, беше одложен за речиси шест часа, а Инфантино се појави дури во 17:45. Од ФИФА како официјално оправдување беше наведена „интензивната агенда“ на претседателот, кој во претходните денови имал средби со американскиот претседател Доналд Трамп, со принцот на Саудиска Арабија и со емиорот на Катар.

Но, за дел од европските делегати, ваквото образложение не беше доволно. Во својот воведен говор, Инфантино се обиде да го релативизира доцнењето, наведувајќи дека како лидер на светската фудбалска организација има обврска да носи стратешки одлуки во интерес на ФИФА. Наместо разбирање, доби отворен отпор.

Меѓу првите што ја напуштија салата беа претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, Деби Хјует од англиската Фудбалска асоцијација и претседателката на Норвешката фудбалска федерација, Лис Клавенес. По нив, салата ја напуштија и други европски делегации, со што дадоа јасен сигнал дека не се согласуваат со ваквиот начин на водење на организацијата.

„Нашите домаќини од Парагвај и партнери од КОНМЕБОЛ вложија огромен труд сè да помине беспрекорно. Но, ненадејната промена на агендата поради лични причини е недозволива и испраќа погрешна порака. Фудбалот мора да остане на прво место“ ,се вели во соопштението на УЕФА.

Фото: UEFA/FIFA

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани