Во Хрватска денеска се решава кој ќе биде новиот шампион, а Риека е на чекор до трофејот бидејќи потребна ѝ е победа над Славен Белупо за да ја завршат сезоната како првопласирани. Но, мечот доби непријатен пресврт уште пред да почне.
Илија Несторовски и соиграчите од Славен Белупо пристигнаа еден ден порано во Риека, но ноќта ја минаа во хаос. Навивачката група „Армада“ приреди пиротехнички напад пред хотелот каде што беше сместен тимот, а го демолираа и автобусот на клубот.
„Огнена ноќ е зад нас. Разбираме еуфорија, ривалство и провокации, но не и уништување на имот. Скршено е стакло на автобусот, фрлани се бакљи и сообраќајни знаци. Беа гаѓани и прозорци од собите на фудбалерите – тоа го осудуваме најостро“, соопштија од Славен.
Од клубот порачаа дека вистинската борба треба да биде на теренот и изразија надеж дека вакви сцени нема да се повторат.