Македонскиот вицешампион Силекс ги продолжи соработките со браќата Љупче и Ѓорѓе Џекови, кои потпишаа нови четиригодишни договори и ќе останат дел од кратовскиот клуб и во следните сезони.
Љупче и Ѓорѓе се дел од тимот веќе година ипол и со своите игри оставија позитивен впечаток кај стручниот штаб, предводен од Александар Васоски. Искусниот голман Љупче Џеков оваа сезона беше еден од најстандардните во тимот, бранејќи на 34 натпревари во Првата македонска фудбалска лига, додека неговиот брат Ѓорѓе запиша 27 настапи.
Силекс ја заврши сезоната на второто место на табелата, обезбедувајќи пласман во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, каде браќата Џекови повторно ќе имаат важна улога во настапите на клубот на меѓународната сцена.