Болоња по 51 година ќе игра финале во Купот на Италија! (ВИДЕО)

by Стефан
1 минути читање

Фудбалерите на Болоња ја продолжуваат фантастичната сезона! По историскиот настап во Лигата на шампионите, тимот вечерва го направи и следниот голем чекор – избори финале во Купот на Италија за првпат по далечната 1974 година!

На „Ренато Дал’Ара“, Болоња и во реваншот беше подобра од Емполи – овојпат со 2:1, и со вкупни 5:1 обезбеди билет за големото финале во Рим. Стрелци за домаќините беа Фабијан и Даилинг, кој погоди во 86. минута за потврда на триумфот, додека Коваленко накратко внесе неизвесност со израмнување во првото полувреме.

Но, реално, најголемиот дел од работата Болоња го заврши уште во првиот меч на гостински терен, каде славеше убедливо со 3:0.

Во финалето, кое ќе се одигра на 14 мај на Олимпискиот стадион во Рим, Болоња ќе се соочи со Милан – во дуел што ќе прекине долг пост за едниот од двата тима. „Росонерите“ го чекаат Купот од 2003 година, а Болоња од легендарната 1974-та, кога последен пат играше финале и триумфираше.

Ова ќе биде трет настап на Болоња во финале – и засега има максимален учинок: две финалиња, две титули.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани