Бодот со Белгија ќе има поубав сјај ако денеска го победиме Казахстан!

by riste
1 минути читање

Македонската фудбалска репрезентација денеска со почеток од 16 часот му гостува на Казахстан во меч од квалификациите за Светското првенство 2026 година.

Освоивме голем бод со Белгија, но за тој да го добие вистинскиот сјај денеска ќе треба да се вратиме со три бода од гостувањето во Астана.

Казахстан е незгодна селекција иако во единствениот меч со нив кој го игравме пред четири години ги победивме со убедливи 4-0.

Според обложувалниците Македонија е благ фаворит во овој дуел, но Казахстан знаел да изненадува силни репрезентации на свој терен. Теренот на „Астана Арена“ е со вештачка трева, тоа им оди во прилог на домаќините кои се навикнати на таква подлога за разлика од нашите фудбалери.

За разлика од нас на кои денешниот меч ќе ни биде четврти во квалификациите, Казахстан одигра два. Со 3-1 загубија на гостувањето кај Велс, а со 2-0 го победија Лихтенштајн на негов терен. Мечот со Македонија ќе им биде прв домашен во овој циклус.

Поради жолти картони Благоја Милевски е суспендиран за денешниот меч, а поради повреди отсуствуваат Исник Алими и Бојан Димовски.

„Направивме анализи и од нив видовме дека Казахстан се екипа која гради акции од последната линија, тука мора да сме максимално внимателни. Знаат да креираат и доаѓаат во прилики „еден на еден“. Дисциплината секогаш е важна и само така би можеле да одиграме добар натпревар“, рече нашиот голман Столе Димитриевски.

Победа во Казахстан ни е неопходна доколку сакаме да продолжиме да сонуваме за едно од првите места на табелата. Првото води директно на Светско првенство, а второто носи бараж.

Атмосферата во репрезентацијата е одлична, изданието против Белгија ни донесе дополнителна самодоверба, па денеска треба да победиме и со четири бода да го заокружиме овој квалификациски прозорец.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани