Екипата на Шкендија го обезбеди петтиот трофеј во Првата македонска фудбалска лига, откако на две кола пред крајот го совлада Работнички со 2-1.
По овој натпревар започна и славјето во Тетово, а тренерот Јетон Беќири за клупскиот веб-сајт го коментира успехот. За него ова беше прв тренерски трофеј во кариерата и не го криеше задоволството.
„Среќен сум и ми олесна по тешките денови. Оваа пролет имавме сериозна борба со многу квалитетни ривали. Не беше лесно, ама на крајот се исплатеше борбата и стресот бидејќи е крунисан со успех. Делуваше дека ќе биде лесно, ама не може така за нас. Најважно е дека сè заврши добро за нас. Бев задоволен од одиграното против Работнички до моментот кога направивме несреќен пенал, а дотогаш имавме сигурни 2-0. Ривалот не креираше ништо до пеналот, ама во фудбалот овие работи се случуваат. Пресреќен сум.
Шкендија е нешто посебно за сите нас, не само за мене, туку и за сите останати. Специјално е задоволството да се радуваме на трофејот по многу тешка сезона. Се надевам ќе продолжиме со позитивни резултати и дека овој клуб нема повторно да чека четири години за повторно да биде шампион, туку ќе доминира и еднаш на четири сезони ќе дозволува на друг клуб да биде првак“, смета тренерот на Шкендија.
Шкендија во следното коло ќе впише службени три бода од закажаниот меч со Гостивар, а во завршното коло ќе го дочека второпласираниот Силекс.