Поради финансиската
криза во која се најде, Барселона немаше пари за звучни засилувања ова лето,
„каталонците“ дури останаа и без својата прва ѕвезда, Лео Меси.
Сепак,
раководството на клубот верува дека жртвувањата кои биле направени изминативе
месеци ќе придонесе следното лето тие да бидат далеку поактивни.
Денешното издание
на Мундо Депортиво ги анализира трансфер плановите и пишува, „Олмо е целта,
Халанд е сонот, Погба е шансата“.
Весникот нагласува
дека во последните денови од летниот преоден рок, Барселона имаше обид да го
врати Дани Олмо, брзо се договори со играчот, но не успеа да најде заеднички
јазик до РБ Лајпциг. Мали се шансите во јануари да се случи нешто, па затоа по
крајот на сезоната ќе следи нова офанзива.
Што се однесува
до Ерлинг Халанд, Норвежанецот е сон на Жоан Лапорта. Трансфер сумата ќе
изнесува 75 милиони евра (некои извори велат дека клаузулата ќе порасне на 90)
но трошоците сигурно ќе бидат поголеми бидејќи Мино Рајола ќе бара огромна
провизија, а ќе треба да се одвојат милиони и за таткото на играчот. Исто така,
конкуренцијата ќе биде огромна, напаѓачот е мета на голем број клубови, помеѓу
кои и Реал Мадрид.
Што се однесува
до Пол Погба, Французинот ги одработува последните месеци од договорот, и
доколку не си подаде рака со Манчестер јунајтед за продолжување на соработката,
ќе биде шанса за Барса да донесе квалитетно засилување без да плати оштета, но
сигурно ќе мора длабоко да брке во џебот. Како и во случајот на Ерлинг Халанд,
Мино Рајола ќе бара огромна провизија а и Пол Погба ќе бара голема плата. Барса
исто така ќе го има Реал Мадрид како ривал во битката за потписот на фудбалерот
од средниот ред.