Авантурата на Лео Меси на Камп Ноу заврши, Аргентинецот синоќа потпиша за ПСЖ и денеска беше промовиран како ново засилување на „светците“.
И покрај тоа што во иднина нема да го носи дреснот на Барса, Лео Меси треба да добие богата исплата.
Кога во 2017 стави потпис на нов договор тежок 555 милиони евра, на напаѓачот му бил ветен бонус од 39 милиони евра доколку во целост го одработи договорот.
Весникот Ел Мундо, кој имаше пристап до деталите од договорот, објави дека оваа сума треба да се исплати на 15. јули 2021, без разлика дали Лео Меси ќе продолжи на Камп Ноу или ќе замине.
Кога раководството на Барселона преговараше со играчите за одложување на платата, бонусите и премиите, медиумите пренесоа дека управата и Лео Меси постигнале договор оваа сума да биде исплатена на 8 рати во следните четири години, односно до 2025.