Бабунски со емотивна порака се збогува од Данди Јунајтед

by riste
1 минути читање

Македонскиот фудбалер Давид Бабунски во следната сезона ќе настапува за друг клуб откако Данди Јунајтед не ја искористи можноста да го продолжи договорот со него.

Бабунски почна одлично, веднаш ја доби и капитенската лента, но како одминуваше сезоната се почесто беше на клупата, па на крајот клубот одлучи дека не треба да ја продолжи соработката со Македонецот.

Тој со емотивна порака преку социјалните мрежи се поздрави со сите во Данди.

Семејство на Данди Јунајтед,

Длабоко сум благодарен што имав можност да играм за овој клуб и да придонесам во оваа извонредна сезона.

Ми беше чест да бидам капитен на овој тим во серијата натпревари кои нè поставија во позиција од која можевме да обезбедиме пласман во Топ 6, а на крајот и да завршиме четврти, што ни донесе учество во европските натпреварувања. Успех кој ги надмина сите очекувања на почетокот од сезоната, но ништо помалку од тоа не му прилега на овој клуб.

Стандардите се вратија таму каде што припаѓаат, и со големо возбудување ќе следам како клубот ќе гради врз оваа цврста основа и ќе чекори кон уште посветла иднина.

Посебна благодарност до моите соиграчи за човечноста и другарството, до тренерот и стручниот штаб за довербата и придонесот кон мојот развој; до сите легенди во клубот кои ја вршат невидливата секојдневна работа – од магационерите, физиотерапевтите, администраторите, обезбедувањето, па сè до хигиеничарите; до членовите на управата за укажаната можност, и до сите навивачи за нивната неверојатна поддршка во текот на целата сезона“, напиша Давид Бабунски.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани