Артета има поголем проблем од резултатите, играчите полека му го вртат грбот, некои не зборуваат со него

by
2 минути читање

„Фудбал Лондон“ пишува дека дел од фудбалерите му го вртат грбот на Артета а тоа е најсериозниот индикатор дека на Шпанецот му се ближи крајот на клупата на Арсенал.

Топчиите синоќа загубија и од Барнли на домашен терен, Џака доби глупав црвен картон, а Обамејанг си постигна автогол. Главоболките кај Артета се зголемија, особено што претходно Пепе доби црвен картон откако го удри Алиоски без топка, тоа значи дека играчите на Арсенал не ја учат лекцијата, туку напротив, ги повторуваат грешките.

Артета на прес конференците го критикуваше и Пепе и Џака, тоа е нешто кое не сакаат да го видат фудбалерите, со такви постапки се губи довербата меѓу двете страни.

„Фудбал Лондон“ дознава дека односот меѓу Артета и Давид Луиз во последните недели е комплетно нарушен, двајцата веќе некое време не зборуваат.

Отстранувањето на Озил и Сократис кои би требало да имаат место и во стартниот тим исто така влијае врз атмосферата во тимот, а многумина се прашуваат и зошто за Вилијам Салиба за кои Арсенал плати 28 милиони фунти, нема место во првиот тим оваа сезона.

Артета имаше одличен почеток на кариерата во Арсенал, им го донесе трофејот од ФА Купот, имаше победи во дерби мечевите, се створи слика дека тој е вистинскиот човек за топчиите, но оваа сезона работите се спротивни на очекувањата.

Раководството се уште има доверба во Артета, но јасно е дека таа нема да трае вечно. Главниот проблем за Шпанецот е што ја загуби довербата кај фудбалерите, а кога атмосферата во соблекувалната е лоша, тогаш тешко може да се излезе од кризата и да се подобри формата.

Арсенал во среда има нов предизвик, на Емирати доаѓа Саутемптон, тимот кој игра одлично во досегашниот дел од сезоната и во моментов се наоѓа на четвртата позиција на табелата. Секој следен меч е како финале за Артета, со секој кикс е се поблиску до отказ, се чини дека му е потребно чудо за да ја промени формата на тимот, а дали тоа ќе се случи, останува да видиме.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×