Алваро Арбелоа се обиде да ја намали драмата околу инцидентот помеѓу Феде Валверде и Орелиан Чуамени, вели дека не им замерува за ништо, го боли само тоа што некој открил информации од соблекувалната.
Алваро Арбелоа утрово се појави пред новинарите во пресрет на пресметката помеѓу Барселона и Реал Мадрид, но „Ел Класико“ падна во втор план, и најголемиот дел од прашањата беа за скандалите во соблекувалната кои ескалираа во тепачка помеѓу Феде Валверде и Орелиан Чумани, по која Уругваецот заврши во болница со „трауматска повреда на главата“.
„Сакам да потенцирам две работи. Прво, клубот реагираше брзо, одлучни и транспарентно, и горд сум на тоа. Второ, играчите признаа дека згрешиле, се покајаа и се извинија. За мене тоа е доволно и нема јавно да ги распнувам, затоа што не го заслужуваат тоа. Во изминативе четири месеци ми покажаа што значи да се биде играч на Реал Мадрид и нема да го заборавам тоа“ – вели тренерот на „кралевите“.
Медиумите за расправијата и тепачката помеѓу Валверде и Чумаени пишуваа дека ова е еден од најсериозните инциденти видени во Реал Мадрид, па Алваро Арбелоа беше запрашан што мисли, а тој се обиде да ја намали драмата.
„Имав соиграч кој со голф палка нападна друг играч… Не го оправдувам тоа, но вакви инциденти се случувале и порано. Сепак, сметам дека работите што се случуваат во соблекувалната треба да останат таму. Најмногу ме боли што сето ова излезе во јавност. Несреќна околност е што Валверде заработи расекотина, но ситуацијата веќе е расчистена, тие се извинија и сега мора да се насочиме кон фудбалот.
За „кртот“ во соблекувалната, тој порача: „Протекување на информации од соблекувалната е чин на предавство кон Реал Мадрид!“.
„Не сум агент на ЦИА и не знам кој открива информации од соблекувалната, не сакам да обвинам некој играч или член на тренерскиот персонал, бидејќи многу луѓе се дел од клубот. Но она што се случува помеѓу мене и играчите, треба да остане приватно“.