Антони со емотивно писмо се прости од Бетис: Со вас повторно се насмевнав, станав она дете што го сакаше фудбалот со цело срце

by bojan
2 минути читање

Антони се прости од Бетис, со емотивно писмо на социјалните мрежи, Бразилецот се заблагодари што „зелено-белите“ од Севиља му ја вратиле насмевката и тој повторно уживал во фудбалот.

Антони во јануари се пресели во Бетис на позајмица од Манчестер јунајтед откако не успеа да ги исполни очекувањата на Олд Трафорд.

Бразилецот во „зелено-белиот“ дрес на клубот од Севиља веднаш се наметна, прикажуваше фантастични партии и потсети зошто „ѓаволите“ инвестираа 100 милиони за негов ангажман.

Бетис прави напори да го задржи напаѓачот, но Антони попладнево се огласи на социјалните мрежи и со емотивна објава се прости од клубот и навивачите.

„Денес завршува едно од најубавите поглавја во мојот живот. И пред да ја завртам последната страница, морам да ви кажам зошто вие бевте, и секогаш ќе бидете  толку посебни за мене“ – почна напаѓачот

„Уште кога бев дете, фудбалот не ми беше само сон или единствена ‘шанса’ да си го променам животот, како што многумина често знаат да кажат. Тоа беше многу повеќе, тоа беше мојата радост. Додека другите го гледаа фудбалот како излез, јас го гледав како пристигнување. Единственото место каде се чувствував целосен. Ги броев минутите до следниот пат кога ќе можам да трчам по топката, Не беше бегство, беше судбина. Беше чиста радост“.

„Животот ме одведе далеку, од фавелите до светот. Играв во Бразил, Холандија, Англија… Престанав да бидам дете и станав татко, многу работи се променија. Но фудбалот секогаш беше таму, секогаш беше моето прибежиште. Сè додека еден ден сè се сруши. Од рајот во пеколот. Топката престана да се тркала, радоста избледе, светот потемна, и почнав да се сомневам во себе, во својот талент, во својата љубов кон фудбалот“.

„И токму тогаш, фудбалот ми даде нешто друго: вас. Кога дојдов, не знаев што да очекувам, но ни во најлудите соништа не го замислував она што го најдов. Од првиот чекор во овој клуб почувствував нешто поинакво. Беше како да се враќам дома, како да се поврзувам со дел од себе што мислев дека сум го изгубил. Со вас повторно се насмеав. Повторно станав она дете што го сакаше фудбалот со цело срце. Со вас, фудбалот повторно стана вистинска љубов“.

“Ви благодарам што ги отворивте вратите како да сум дел од семејството. Ви благодарам што ми ја вративте радоста од играњето. Ви благодарам што ме потсетивте зошто се заљубив во оваа игра. Мојот дом, моите луѓе. Засекогаш многу Бетис“.

ФОТО: X/Betis

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани