Претседателот на
францускиот прволигаш Лион, Мишел Олас е разочаран од неговиот колега од
Јувентус, Андреа Ањели кој овие неколку денови доби многу непријатели околу
себе по случувањата со Европската Супер Лига, каде тој беше еден од главните
иницијатори.
„Разговарав со
претседателот на УЕФА, Александер Чеферин во Монтро, му реков дека во неделата
се обидов да го добијам Ањели, меѓутоа тој не ми одговараше на повиците“ рече
Олас во изјавата за „Л’Екип“,
каде се произнесе за случувањата со Суперлигата.
„Ова е
ситуацијата која ни носи голема непријатност, а сето тоа бидејќи тој ја имаше
целата доверба од наша страна, а јас лично бев многу близок со него“ додаде
Олас.
„Постоеше лична
но и професионална блискост помеѓу нас, а начинот на кој сево ова се случи ме
изненади дури и повеќе од самата постапка, сега се чувствува огромно
разочарување за тој човек“ подвлече првиот човек на Лион.
„Јас посакував да
биде конкретен, да ни посочи дали сабота, или недела ќе се случи нешто,
очигледно е дека тој имаше некои добри причини за сево ова, но ние бевме
свесни, а сега тој креираше еден голем проблем, имам чувство како да сум
измамен“ заклучи Олас.