Ангеловски: Тука дојдовме за да се пласираме на Европско првенство

by
2 минути читање

На редовната прес конференција пред натпреварот против Грузија, селекторот Игор Ангеловски зрачеше со оптимизам.

„Носам огромна почит за работата на мојот колега Владимир Вајс со репрезентацијата на Грузија, добро се познаваме меѓу себе, но ние добро знаеме за нашите квалитети и тука сме повторно во Тбилиси за да дојдеме до реализација на нашите цели, а тоа е пласман на ЕП”, вели Ангеловски.

„Имаме неколку фудбалери кои не допатуваа, но имам 21 фудбалер кој се тука подготвени да ни го донесат пласманот на ЕП. Подготвени да одиграат за себе и за сите нас во Македонија.Овие фудбалери мене ме натераа да бидам мирен, спокоен, па и мирно да спијам. Иако тука сме сами, ја чувстуваме поддршката, стигнуваат пораки од поранешни селектори, репрезентативци, пријатели. Ќе играме и за нив“.

На прес конференцијата Ангеловски посебно внимание му посвети на капитенот Горан Пандев.

„Сакам јавно да се заблагодарам на нашиот Горан Пандев. Ако некој е заслужен за тоа што сме овде е само тој кој сега е до мене. Точно пред пет години прифати да се врати во репрезентацијата и да го поведе овој тим, во кој јас верував уште од почетокот. Горан, ти благодарам и сакам утре да ги поведеш овие твои и мои браќа до пласман на ЕП“.

Горан Пандев вели дека ова е меч со најголеми емоции, посебна мотивација не е потребна од пласман на Европско првенство.

„Зарем е потребна поголема мотивација од фактот дека играме за пласман на Европско првенство. Видете каде бевме пред пет години а каде сме сега. Овие момци се злато вредни за Македонија и македонскиот фудбал, добро ги познавам и знам дека заслужуваат да играат во многу поголеми клубови. Заради нив, сакам уште на оваа возраст да го доживеат настапот на Европско првенство. И мене ме совладуваат емоциите, после толку години фудбал, после толку мечеви во европскиот фудбал. Но, емоциите ме совладуваат затоа што се работи за Македонија, се работи за сите нас. Цела Македонија очекува да донесеме радост“, вели Горан Пандев.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани