Македонија со 2-1 го победи Косово и дојде на само еден чекор до пласман на Европското првенство.
„Се израдувавме но уште ништо не сме направиле. Сега нека се радува Македонија, но од утре мора да се спуштиме на земја. Прво имаме меч со Естонија, а за еден месец играме со Грузија, сите ќе дишеме за тој натпревар. Среќен сум за големата поддршка која ја добиваме, ја чувствуваме иако беше празен стадионот“, вели селекторот Ангеловски.
Интересно е што со Грузија играме и сега, на 14. октомври во натревар од новата сезона во Лигата на нации.
„Најпрво тие ни доаѓаат на нас. Па до финалниот меч ќе бидат направени сите анализи. Би сакал за тогаш сите играчи да ги имам на располагање. Не сме голема репрезентација и секое отсуство може да биде проблем. Поздрав за Елмас кој беше со нас и покрај тоа што не беше тука, но ќе биде во ноември“.
„Што се однесува до мечот со Косово, требаше да го решиме порано мечот, имавме шанси, два оправдано поништени голови, но го имавме и Столе Димитриевски кој не спаси во тие последни секунди и од трагичар се претвори во херој и затоа е таму каде што е. Имавме многу шанси порано да го завршиме мечот за да не трепериме до крај“.
„И покрај несреќниот гол кој го примивме ние брзо се вративме. Оваа репрезентација е подготвена психолошки и во минатото сме покажале дека сме се враќале од негатива. Тоа пред се е припрема на фудбалерите во нивните екипи. Да не беше значењето толку големо за овој меч, мислам дека ќе победевме многу поубедливо“.
„Видовте дека преку Лигата на нации полесно се пласира на Европско првенство, па мора секој меч во ова натпреварување да го сфатиме сериозно. Таков приод треба да имаме и против Естонија и против Грузија“.
„Сигурно дека е поразлично да се игра пред празни стадиони, различно е за сите, а може да замислите како им е на фудбалерите кои се навикнати да играат пред публика, да се хранат со нивното навивање. Навивачите не се само декор, туку тие се значајни и кога не ти оди да те кренат, да влијаат на текот на мечот. Но во моментов, во овие услови, дечките го дадоа максимумот и не донесоа до финалето од плеј-офот“.
Фото: ФФМ